ГОРДАНА СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА Покровителка на јубилејот на Факултетот за музичка уметност
Јубилејот ја истакнува важноста на музичките уметници како амбасадори на македонската култура

По повод големиот јубилеј 60 години од постоењето и дејноста на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката, проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска, и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
Деканката Андовска истакна дека успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубовта, креативноста, трудот и посветеноста на повеќе генерации наставен кадар. Јубилејот добива особено значење со оглед на тоа што, во релативно кус период, вработените постигнале резултати далеку повисоки од оние на многу музички академии во регионот, кои постојат и по сто години.
Честитајќи го јубилејот, претседателката Сиљановска-Давкова ја потенцираше значајноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, кој изнедрил музички и уметнички великани, меѓу кои и Симон Трпчевски. Таа го истакна и непроценливото влијание на нашите музички уметници како амбасадори на македонската култура и држава ширум светот.
Со задоволство, претседателката ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата која е расадник на уметници и клучни за успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројни ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа со предизвиците со кои се соочува Факултетот, меѓу кои се финансиската и просторната ограниченост, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри поради недостиг на кадар. Тие истакнаа и потребата за преиспитување и корекција на одредени решенија предложени во новиот Закон за високо образование во рамките на претстојната дебата.


