МУРИЊО ПРЕДУПРЕДУВА – Ранетиот Реал Мадрид е најопасен
По незаборавната победа од 4:2, Бенфика и Реал Мадрид повторно ќе се сретнат, овојпат во плејофот на Лига на шампиони.

Пред нешто помалку од 20 дена, Бенфика одигра спектакуларен натпревар во Лига на шампиони, совладувајќи го Реал Мадрид со 4:2 и обезбедувајќи пласман во плејофот. Судбината сакаше двата европски гиганта повторно да се сретнат токму во плејоф-фазата, па утре во Лисабон ќе се одигра првиот меч од двомечот меѓу поранешните континентални шампиони.
Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, предупреди дека мадридскиот клуб ќе биде исклучително опасен по неодамнешниот пораз во португалската престолнина.
„Тие се повредени во гордоста, а ранетиот Крал знае да биде најопасен. Првиот натпревар мора да го одиграме мудро, но и храбро, со голема самодоверба. Знаеме како се игра против Кралевите“, истакна Мурињо.
Особено внимание привлече и претходниот дуел, кога голманот на Бенфика, Анатолиј Турбин, постигна гол во самата завршница за конечни 4:2. Сепак, Мурињо беше јасен пред реваншот:
„Сега сигурно нема да го гледаме Турбин во напад. Често се мисли дека во првиот меч мора по секоја цена да се обезбеди резултат. Јас, пак, верувам дека не постои резултат што носи целосна гаранција“, порача стратегот на Бенфика во пресрет на утрешниот судир со Реал Мадрид.


