СПАК НА ДУИ ЌЕ ЛОВИ КРИМИНАЛЦИ ВО ЧАИР – Спектакл или сериозна борба против корупцијата
ДУИ го најавува новото тело кое ќе следи и документира корупциски случаи во скопската општина.

По примерот на Албанија, каде од крајот на 2019 година постои Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) формираше локален СПАК во скопски Чаир. Новото тело, наречено Секретаријат за превенција и борба против корупцијата, ќе се занимава со анализа на индиции за корупција и злоупотреба на јавни средства во општината.
ДУИ најави дека СПАК ќе работи непрекинато 24/7, а граѓаните ќе можат да пријавуваат сомнежи за корупција преку онлајн платформа и отворена линија, со гаранција за заштита на идентитетот. Секој документиран случај ќе биде јавно објавен, а оние со законска основа ќе се обработат во надлежните институции.
Владејачката ВЛЕН реагираше, повикувајќи го новото тело најпрво да го истражи сопственото раководство. Тие потенцираа дека меѓу потенцијалните случаи на корупција се Фатон Ахмети за сомнежи за злоупотреба на средства во ФЗО Арбер Адеми за отворени случаи за злоупотреба како министер за образование и Бујар Османи за случајот „Пациент“.
ВЛЕН додава дека ако СПАК на ДУИ е сериозен, треба да започне со истражување на овие „недопирливи“ лица. Дополнително, според владејачката коалиција, новото тело треба да воспостави контакт со албанскиот СПАК за екстрадиција на Артан Груби, кој повеќе од една година е во бегство.


