ОДЛУКАТА Е БЛИСКУ – Советот утре дава мислење за новиот државен обвинител
За избор во Собранието ќе биде потребно мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Советот на јавни обвинители утре ќе ја одржи својата 38. седница, на која како единствена точка на дневниот ред е предвидено давање мислење до Владата на Република Северна Македонија за кандидатите за нов државен јавен обвинител.
Согласно законските рокови, Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење за пријавените кандидати, по што Владата ќе предложи еден од оние што добиле позитивна оценка до Собранието на Република Македонија.
Според информации од дел од пријавените, во изборната трка учествуваат актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката Лидија Раичевиќ.
Новиот државен јавен обвинител треба да го наследи Љупчо Коцевски, кој во декември поднесе неотповиклива оставка. За избор во Собранието ќе биде потребно мнозинство од најмалку 61 пратеник.


