ПОЧИНА ЛЕНЧЕ ДЕЛОВА – Големо име на македонската глума
Со бројните улоги на театарската и филмската сцена остави неизбришлива трага во македонската култура.

Почина истакнатата театарска, филмска и телевизиска глумица Ленче Делова, соопшти нејзината матична куќа – Драмски театар Скопје. Таа имаше 77 години.
Родена на 15 јуни 1948 година во Скопје, Делова ја започна својата сценска кариера уште во 1964 година како актерка-аматерка на сцената на Драмски театар. Во 1970 година стана членка на ансамблот, каде што оствари бројни запаметливи улоги и остана активна сè до пензионирањето во 2013 година.
За улогата на Офелија во Хамлет ја доби наградата „13 Октомври“. Беше прогласена и за најдобра актерка за улогата на Трајанка во претставата „Ни ќар – ни зијан“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“, а во 2006 година таму ѝ беше врачена и наградата за животно дело.
Со својата посветеност, професионализам и силен сценски израз, Ленче Делова остави длабока трага во македонскиот театар и култура.


