ДИПЛОМАТСКИ СКАНДАЛ ВО МИНХЕН – Зеленски со нови навреди кон Орбан
Втор јавен напад за само 24 часа ја разгоре дипломатската реторика и острите зборови од Минхен ја ставаат европската интеграција на Украина во фокус

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно јавно го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Минхенската безбедносна конференција, јавуваат европските медиуми. Ова е втор остар вербален настап на Зеленски кон Орбан во период од само 24 часа, што предизвика нови реакции од Будимпешта.
Последниот напад се случи на церемонијата за доделување на наградата „Евалд фон Клајст“, каде што украинскиот претседател им се обрати на лидерите на земјите партнери, изразувајќи благодарност за нивната поддршка. Во тој контекст, Зеленски иронично го спомена унгарскиот премиер.
„Дури сакам да му се заблагодарам на Виктор. Сите знаете на кого мислам, бидејќи на свој начин тој нè охрабрува сите во Европа да бидеме подобри и подобри само за никогаш да не станеме како него, човек кој изгледа го заборавил значењето на зборот срам“, изјави Зеленски, обидувајќи се да ја анимира публиката.
Ова не е првпат Зеленски да го критикува Орбан на маргините на конференцијата. Ден претходно, според оценките од унгарска страна, украинскиот претседател употребил навредлив јазик, тврдејќи дека Орбан „повеќе размислува за сопствениот стомак отколку за војската“.
На ова, унгарскиот премиер реагираше со иронија, изјавувајќи дека му е благодарен на Зеленски што им овозможил на сите подобро да проценат колку е соодветно во овој момент да се разгледува пристапувањето на Украина во Европската Унија.
Зеленски и претходно јавно го изразувал своето незадоволство од ставовите на Орбан, особено поради неговите резерви околу забрзаниот прием на Украина во ЕУ. Унгарскиот премиер подолго време ја доведува во прашање подготвеноста на Киев за членство, укажувајќи на корупција и недоволни реформи.
Орбан редовно ги критикува западните политичари кои, според него, ја игнорираат корупцијата во Украина, додека истовремено зборуваат за „импресивни реформи“. Тој нагласува дека средствата на унгарските даночни обврзници треба да се насочат кон развојот на Унгарија, а не, како што изјави, кон „позлатени бањи на украинските олигарси“.
Најновите изјави на Зеленски дополнително ги влошија односите меѓу Киев и Будимпешта, кои и претходно беа оптоварени со несогласувања околу европската интеграција, санкциите против Русија и воената помош за Украина.
Додека Киев очекува силна и безрезервна поддршка од ЕУ, Унгарија продолжува да инсистира на заштита на сопствените интереси и отворено ја доведува во прашање политичката и економската цена на таквата поддршка. Сè поострата јавна реторика меѓу лидерите на двете земји укажува дека тензиите би можеле дополнително да ескалираат во рамките на идните европски форуми.


