РАДИО 106 СЛАВИ 33 ГОДИНИ – Три децении магија во етерот на Битола

Од модерниот хит-радио концепт во 90-тите до влијателен медиум со национален дострел

РАДИО 106 СЛАВИ 33 ГОДИНИ – Три децении магија во етерот на Битола
Фото: Принтскрин

Радио 106 прославува 33 години постоење! Зад нив се 33 години исполнети со бројни пресвртници кои ја зацврстија нивната позиција како најомилена радио станица во Битола и еден од највлијателните медиуми во Македонија.

Уште во 90-тите години, кога медиумскиот простор беше заробен во конзервативни рамки, воведоа модерен и динамичен американски хит-радио концепт кој го трасираше патот за развој на сите идни радија. Иако во јавноста често постојат поинакви перцепции, вистината е дека многу од денешните „големи“ македонски радија своите вештини и програмски шеми ги моделираа токму според нивните стандарди. Иако во Македонија има некаков општо прифатен наратив дека најголемата креативност излива од главниот град, која поголемите медиуми ја дисперзираат, всушност реалноста е обратна: Креативноста доаѓа од сите останати градови и се влева во него. Денес, влијателноста на Радио 106 е потврдена преку нивните шоу емисии кои се ре-емитуваат низ целата држава, додека нивната аудио продукција успешно се пласира дури и на глобалниот пазар.

Она што го прави Радио 106 уникатно е непоколебливата посветеност на квалитетот. Во свет кој брзо се менува, остануваат извор на проверени и фактички информации од областа на музиката, технологијата, науката и спортот. Тое не се само пренесувачи на содржини, туку хроничари на времето во кое живее Битола.

Локалниот пазар има свои ограничувања, што често ја отежнува реализацијата на пошироки програмски идеи, иако желбата и идеите за тоа никогаш не им недостасувале. “Има толку многу талентирани и креативни луѓе кои заслужуваат радиски простор и време, но финансиската реалност е едно а желбите се друго” – велат од 106-ка. Фактот што сите други локални комерцијални радио станици во Битола згаснаа (Радио Битола, Канал 89, КФМ, Делфин, Радио 105, Радио АС, 2М, Б-97 и други), а само 106-ка продолжи да зрачи, зборува многу за економската кревкост и честото отсуство на слух кај големата бизнис заедница за поддршка на градските медиуми. Сепак, поддршката од малите бизниси и нивната цврста волја не им дозволуваат да бидат само „бројка“ во етерот. Нивна цел не е само да постојат, туку постојано да се подобруваат, како што велат.

Ветуваат дека битката за подобра програма никогаш нема да престане. Велат дека се горди на нивните уникатни проекти. Ја имаат најстарата радио топ-листа во државата „Какаду топ 20“ со 1.664 неделни изданија, емисијата „Поп монитор“ со 1000 неделни изданија, го прават „Новогодишното шоу“ кое руши рекорди на слушаност, и стојат зад изборот „Најдобрите“ – шоу во кое на крајот од секоја година ги крунисуваат врвните артисти и хитови.

“Овој јубилеј е резултат на макотрпната работа на нашиот тим, но и на нераскинливата врска со нашите верни слушатели. Ова не е само наш успех – ова е успех на целата заедница. Заедно славиме илјадници песни кои станаа спомени, славиме емоции и три децении заеднички живот.”

“Една работа останува непроменета од првиот ден до денес: нашата искрена љубов кон радиската магија. Таа љубов е темелот на нашето наследство. Таа ни дава сила да опстанеме, да се развиваме и натаму да бидеме фреквенцијата на градот.” – велат од битолската 106-ка.

Да ни е жива и здрава 106-ка!

CATEGORIES
Share This