МИЦКОСКИ ОД МИНХЕН – Сигурна иднина преку силни сојузништва
На 62. Минхенска безбедносна конференција, Мицкоски ја реафирмираше определбата за фер и предвидлив пат кон Европската Унија.

Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенска безбедносна конференција се јасен сигнал до сите сојузници дека светот повеќе не функционира по старите правила, порача премиерот Христијан Мицкоски од Минхен.
„САД и Европа остануваат нераскинливо поврзани, но иднината ќе ја градиме преку сериозност и взаемно почитување. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница. Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Во рамки на посетата на Минхен, Мицкоски оствари средба со Тед Дојч, извршен директор на Американскиот еврејски комитет, една од највлијателните организации кои со децении работат на јакнење на демократските вредности и унапредување на трансатлантските односи. На средбата било разговарано за продлабочување на соработката, заеднички иницијативи за заштита на човековите права, унапредување на меѓурелигискиот дијалог и градење општество засновано на почит, толеранција и слобода.
„Нашата визија е јасна – силни партнерства, јасни вредности и сигурна иднина за граѓаните“, истакна Мицкоски.
Премиерот од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција. Како што соопшти владината прес-служба, тој ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Премиерот во Минхен е придружуван од министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски.


