КНЦЕЛАРОТ МЕРЦ АЛАРМИРА – Униполарниот момент со САД е завршен, светот влегува во турбуленции
Европа се подготвува за новата реалност, но без да ја прифати како судбина

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави на отворањето на Минхенска безбедносна конференција дека светскиот поредок заснован на правила и право „повеќе не постои“ и дека во моментов се уништува.
Тој нагласи дека Конференцијата отсекогаш била „сеизмограф на политичката ситуација“, но дека последниве години светот се соочува со зголемени тензии и конфликти, вклучително и, како што рече, руската агресија врз Украина.
„Заедно влеговме во ера која повторно е отворено обележана со моќта и политиката на големите сили“, истакна Мерц.
Според него, Кина веќе со години со „стратешко трпение“ се подготвува да биде глобален лидер и во догледна иднина може да биде рамноправна со САД и во воена смисла.
Мерц оцени дека, доколку постоел униполарен момент по падот на Берлинскиот ѕид, тој одамна е завршен. Претензијата на САД за лидерство, според него, е сериозно оспорена, а можеби и изгубена.
Тој предупреди дека враќањето на политиката на моќ не произлегува само од ривалството меѓу големите сили, туку и од немирните и вознемирени општества во време на револуционерни промени. Во многу демократии, рече тој, се засилува желбата за силно лидерство во глобализиран свет каде што државите се соочуваат со ограничувања во сопствената способност за дејствување.
„Политиката на големите сили нуди силни и едноставни одговори – барем на прв поглед“, рече Мерц.
Тој додава дека таа се оддалечува од визијата за свет во кој меѓусебната поврзаност води кон владеење на правото и мирни односи.
Тој оцени дека новата геополитичка реалност се карактеризира со брзи, сурови и често непредвидливи потези, каде зависностите се користат како средство за притисок. Во центарот на оваа динамика, според него, е борбата за сфери на влијание, каде природните ресурси, технологијата и синџирите на снабдување стануваат преговарачки алатки.
„Ова е опасна игра – најпрво за малите, а потоа и за големите играчи“, предупреди германскиот канцелар.
Мерц истакна дека САД веќе ја приспособуваат својата стратегија за национална безбедност со цел да ја стигнат Кина во одредени области, што, според него, дополнително го забрзува глобалниот тренд.
„И ние, Европејците, се подготвуваме за оваа нова ера. Доаѓаме до различни заклучоци од администрацијата во Вашингтон, но нашата примарна задача е да ја прифатиме новата реалност и без да ја прифатиме како неизбежна судбина“, рече тој.
На крајот, Мерц призна дека германската надворешна политика во изминатите децении често имала „нормативен вишок“ со силна реторика и критики кон прекршувањата на меѓународниот поредок, но без доволно средства за реално решавање на проблемите.
„Јазот меѓу амбицијата и можноста стана преголем“, заклучи германскиот канцелар.


