АНТИКОРУПЦИОНЕРКАТА ЦВЕТА СЕ ПОВЛЕКУВА – Оставка по обвинувања за кочење предмети и непријавен имот
Ристовска тврди дека секогаш постапувала законски и барала изземање кога постоел потенцијален конфликт.

Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, денеска поднесе неотповиклива оставка до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Како причина за ваквата одлука таа ги наведува јавните полемики и сомнежите поврзани со нејзината работа во Комисијата.
Во писменото образложение, Ристовска наведува дека по неколкунеделните јавни реакции и обвинувања поврзани со нејзиниот ангажман, решила да се повлече од функцијата со цел да се зачува личниот и институционалниот интегритет.
Таа истакнува дека во текот на целата професионална кариера, вклучително и во Комисијата, работела законито, совесно и со најдобра намера, изразувајќи жалење доколку одредени околности или можни административни пропусти создале неосновани сомнежи во јавноста. Според неа, во сите ситуации каде што постоела можност за судир на интереси, постапувала согласно закон и барала изземање, нагласувајќи дека никогаш немала намера да прикрива информации.
„Убедена сум дека секој носител на јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет. На Комисијата ѝ посакувам успешна и професионална работа во служба на јавниот интерес“, наведува Ристовска во оставката.
Инаку, Комисијата претходно отвори два предмети поврзани со Ристовска за можен судир на интереси и за непријавување имот. Според опозициските обвинувања, таа наводно го кочела процесуирањето на пријавите против власта.
Првиот предмет се однесува на тврдењата дека фирма на еден од нејзините синови добивала средства во кампањата за претседателските избори во 2024 година. Вториот се однесува на наводите дека во анкетниот лист не пријавила дека и двајцата нејзини синови поседуваат маркетинг фирми.
Ристовска беше предмет на јавни критики и во случајот со сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што Комисијата не утврди основ за постапување, иако претходно постоеле судски случаи со изречени санкции за други лица. Дополнително, таа предавала на факултетот на кој дипломирал Христовски, чија диплома беше предмет на претставка.


