ОДЛУКА НА БЕСА – Чекор поблиску до една партија ВЛЕН

Одлуката е донесена по седница во Тетово, а партијата се насочува кон спојување во „Вреди“ како еден политички субјект.

ОДЛУКА НА БЕСА – Чекор поблиску до една партија ВЛЕН
Фото: Национал

Централното собрание на Движење Беса со мнозинство гласови донесе одлука за распуштање на ова партиско тело, со цел партијата во иднина да биде дел од процесот на спојување на повеќе политички субјекти во партијата „Вреди“ (ВЛЕН) како еден заеднички политички субјект. Одлуката беше донесена вечерва по час и половина заседавање во партиското седиште во Тетово.

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами, истакна дека Собранието оценило оти треба да се отвори патот за структурирање на „Вреди“, врз основа на веќе прогласениот мораториум за партиски активности на субјектите што ја сочинуваат коалицијата.

„Собранието ме овласти да ги продолжам разговорите за иднината на ВЛЕН, со поддршка за спојување во еден субјект што ќе ги почитува принципите на правда и волјата на гласачите на ‘Вреди’ и на сите Албанци“, изјави Касами.

На седницата била дискутирана и работата на функционерите на Движење Беса во Владата. Касами пренесе дека членовите на Собранието сметаат оти партијата има капацитет за поголем ангажман од досега остварениот.

„Анализата на работата ќе продолжи во наредните денови, а наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата. Позициите во Владата ги гледаме како средство за ефикасна служба на граѓаните, особено на Албанците“, нагласи Касами.

Запрашан дали ќе биде претседател на новата заедничка партија во рамки на ВЛЕН, Касами рече дека се разгледуваат повеќе опции и дека е подготвен да преземе одговорност доколку има заедничка согласност.

Во однос на изјавата на Христијан Мицкоски дека тој е носител на мандатот за составување Влада, Касами истакна дека тоа е јасно, но нагласи дека додека Беса е дел од ВЛЕН, таа самостојно одлучува кој министер ќе го предложи од своите редови.

Тој додаде дека ќе се оценува работата на сите функционери, вклучително и на Фатмир Лимани.

Пред седницата, Лимани, за кого дел од медиумите информираа дека е во конфликт со Касами, изјави дека за неговата иднина треба да одлучуваат резултатите од досегашната работа.

„Проектите, вработувањата и сработеното во изминатите 16-17 месеци се она што треба да се цени“, рече Лимани.

Тој додаде дека е потребна разумност за да не се наруши структурата на ВЛЕН и да не се создаде простор за враќање чекор назад.

Тој порача дека не треба да се гледа како поединец, туку како дел од поширока политичка застапеност во процесот.

CATEGORIES
Share This