81 ГОДИНА МНТ – Театарот ја пречекува словенечката претстава „Immaculata“

Наградуваната монодрама инспирирана од романот на Колм Тојбин ќе се изведе на 3 април

81 ГОДИНА МНТ – Театарот ја пречекува словенечката претстава „Immaculata“
Фото: Принтскрин

Драмската трупа на Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) на 3 април ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) со наградуваната монодрама „Безгрешна“ (Immaculata). Претставата е инспирирана од романот „Марииниот завет“ на Колм Тојбин и е создадена како омаж на режисерот Томаж Пандур.

Од МНТ информираат дека гостувањето е дел од роденденската програма со која театарот го одбележува 81-от јубилеј од постоењето.

Монодрамата ја раскажува приказната за Марија, која е прикажана како Мајка Божја, но во сценската адаптација добива поинтимна и покондензирана форма. Таа ја раскажува својата лична вистина за настаните што го промениле светот, преиспитувајќи ги големите идеи. Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, додека драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур.

Претставата има повеќе меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Наташа Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.

Immaculata имала бројни меѓународни гостувања, вклучувајќи ги Театро Еспањол, Мадрид (2017), Конхунто де артес есценикaс, Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори, фестивал „Мителфест“, Италија (2020), Фестивал СОЛО, Москва (2021) и 10. театарска олимпијада, Будимпешта (2023)

Како што вели Ливија Пандур: „Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“.

Билетите за претставата се достапни онлајн и на билетарницата во МНТ.

CATEGORIES
Share This