СУДИР ВО ВЛАДАТА – Дали правосудниот испит ќе се полага и на албански јазик

Премиерот порача дека решението за полагањето на правосудниот испит мора да биде во согласност со Уставот и законите и најави консултации со Венецијанската комисија.

СУДИР ВО ВЛАДАТА – Дали правосудниот испит ќе се полага и на албански јазик
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска настапи во улога на медијатор обидувајќи се да ги смири острите тонови меѓу двајца министри во Владата, откако во јавноста се отвори дебата околу можноста правосудниот испит да се полага на албански јазик.

Мицкоски изјави дека ова прашање мора да се решава исклучиво во рамки на Уставот и законите, при што изрази подготвеност да се разговара за законско решение што би се однесувало на јазиците на сите народи наведени во Преамбулата.

„Мора да ја гледаме суштината за да дојдеме до решение. Уставот е јасен и официјален јазик на целата територија и во меѓународната комуникација е македонскиот јазик, но официјален јазик е и јазикот на заедницата која е над 20 проценти. Тоа е уредено со Амандманот 5, кој предвидува дека комуникацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот на таа заедница, откако тоа ќе биде утврдено со закон“, рече премиерот.

Според него, потребно е да се изготви нов закон кој ќе биде доставен до Венецијанската комисија, за таа да даде мислење дали предложеното решение е во согласност со Уставот.

„Факт е дека при донесувањето на Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија даде негативно мислење за делот што се однесува на правосудството. Затоа, кога се анализира ова прашање, мора да се земат предвид сите параметри. Од моја страна постои политичка волја да се седне и да се разговара. Утре ќе ги поканам сите кои ја отворија оваа тема во јавноста, со цел да се најде решение“, додаде Мицкоски.

Иницијативата во јавноста ја отвори вицепремиерот и министер за евроинтеграции Беким Сали, кој побара правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Неговата изјава предизвика остра реакција од министерот за правда, Игор Филков, кој оцени дека завршило времето на селективно толкување на Уставот и законите.

Филков истакна дека Уставот не смее да биде предмет на слободни интерпретации и дека одлуките во правната држава не се носат врз основа на лични проценки или политички ставови, туку исклучиво согласно важечките уставни и законски норми.

Според него, иако Законот за употреба на јазиците дозволува користење на албанскиот јазик во одредени постапки пред институциите, правосудниот испит не може да се разгледува изолирано. Тој, како што нагласи, претставува предуслов за влез во судството, обвинителството, адвокатурата и другите правни професии, каде законите јасно пропишуваат активно познавање на македонскиот јазик.

„Полагањето на испитот на македонски јазик служи за проверка на јазичната и стручната подготвеност, имајќи предвид дека постапките и актите во правосудството примарно се водат на македонски јазик и кирилско писмо“, рече Филков.

Тој порача дека правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда и дека секој носител на јавна функција има обврска да ги почитува Уставот и законите, бидејќи секој поинаков пристап претставува недозволив притисок врз правната држава.

CATEGORIES
Share This