Јас сум министерка и кој што ми може

Ги повикувам редовните професори од наведените факултети и институти да не молчат и да коментираат по ќошиња без разлика каде за хонорари се ангажирани.

Јас сум министерка и кој што ми може
Фото: Национал

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, виш просбветен инепктор во пензија
Вторник 10 февруари 2026 година

Претседателот на Владата, проф.д-р Христијан Мицкоски најави реконструкција на Владата која треба да се случи до јуни годинава. Во тој контекст, сакам да укажам дека Министерката за образование и наука се однесува како да нема што да загуби. И навистина е така, и утре да биде разрешена од функцијата ќе ужива во пензијата која ја заслужува. И јас така ја доживувам Весна Јаневска, дека ја смета функцијата што ја има како круна во професионалното и политичко делување. И затоа арогантно прави што сака без да и е грижа за последиците и за тоа дека оваа Влада на која и припаѓа има историска одговорност да ја извади државата од тињата во која се наоѓа.

Како показател за ова што го пишувам е фактот дека од прв ден од кога е назначена ги користи советите и услугите на остатоците на ДУИ, Мила Царовска и кабинетите на Спиро Ристовски. Можам низа примери да наведам. Не велам дека треба да се соработува само со сопартијците (иако не се памети кога последен пат ја свикала Централната Комисија за образование и наука) напротив.

Треба да се користи знаењето на секој професионалец со интегритет, да се стимулира градење нови кадри. Ама како може да соработува со инкриминирани луѓе кои се пери-носи со секоја власт, луѓе што ползеа пред Мила Царовска. Како Министерке, ќе извадите нова вредност, нови концепти со луѓе на пример како Јетон Шаќири. Имам многу да набројувам а би сакал да знам во сите тела и Комисии при МОН кои имиња се вртат.

До пред да биде именувана за Министерка, на тој начин ја рекламираше партиската Комисија за образование и наука чиниш преродба ќе се случи во образованието и науката. Завршија изборите, Министерката си ги постави за функционери тие што ги одбра по свој критериум од Комисијата, и се поврза веднаш со „советниците“ на претходните гарнитури. Бидејќи нели тоа е практичност а не разбира дека длабоко ја повлекоа назад.

Весна Јаневска на сите мои прозивки го одбра молкот како мудра тактика, Ѓорги Илиевски нека си пишува „јас сум министерка и кој што ми може“. Да, но и вашето име трајно ќе се врзе за неуспешни образовни политики затоа што образот на човекот е до век. Многу министри минале од 1991 година па навака. Каде се сега?!

Факултетите и институтите на хуманистичките науки

Во врска со новиот предлог Закон за високо образование, сега би се осврнал посебно на факултетите и институтите во кои се застапени хуманистичките науки. Многу повици имав од загрижени професори овие неколку дена и ја разбрав опасноста во кои се наоѓаат фолклористите, етнолозите, македонистите, историчарите, археолозите.

Кога беше усвоен последен пат новиот Закон за високо образование хуманистичките науки беа изземени од одредбите на овој Закон во смисла на критериумите на добивање звање.

Во Македонија не постои научно списание кое е запишано во меѓународна база на податоци од областа на хуманистичките науки. А согласно новиот предлог Закон, објавување на труд во такво списание е услов за докторирање на кандидат односно добивање на повисоко научно звање за веќе вработените на факултетите и институтите. Согласно тоа, докторандот или асистентот, доцентот, вонредниот професор ќе треба да испраќаат трудови во научни списанија во странство.

Па се поставува прашањето, дали научните списанија од странство ќе имаат интерес да објават статија на пример за Македонски ора и танци од Пустец или македонските дијалекти во егејскиот дел на Македонија. Дури и да има интерес, што ако рецензентот доаѓа од соседните држави на Република Македонија со кои имаме научни спорови за се’ она што претставува македонска самобитност. Голем е ризикот македонските научници да не можат да издадат научен труд и да не може да докторираат или да добијат повисоко научно звање.

Посебно што тоа за нив може да биде долга процедура и финансиски трошок со неизвесен крај. Мене тешко ми е да верувам дека тие што го подготвувале предлог Законот се консултирале со Институтот за македонски јазик, Институтот за фолклор, Институтот за национална историја, Катедрата за етнологија и антропологија при ПМФ. Не разбирам зошто непотребно се создава тензија во делот на хуманистичките науки. Иако Министерката на прес конференцијата кажа дека над „60 стручни лица“ (нека изброи 6) учествувале во подготовка на новата законска регулатива. Значи не треба да се мисли праволински се со цел да се направи пиар туку малку во поширок опфат да мисли.

Наместо МОН да размислува да обезбеди стипендии за студенти за насоките на факултетите кои се од национално значење, да се вработат асистенти на Институтот за историја на уметност со археологија кој е пред гасење, да стимулира нови вработувања на Институтот за фолклор и Институтот за национална историја, Министерството поттикнува пречки во создавање на научно потомство.

Значи не се работи за изработка на висококвалитетен труд и постигнување повисоки стандарди туку објективно македонските научници од хуманистичките науки не може да објавуваат трудови во странски списанија. Во предлог Законот се е ставено во ист кош како во неговата подготовка да учествувале само „експерти“ од техничките науки. Ако останат одредбите од Законот вака како што се иднината на наведените Институти ќе остане крајно неизвесна и ќе бидат десеткувани.

А со тоа ќе бидат деморализирани сите млади што сакаат да магистрираат и докторираат за етнологија, македонски јазик, археологија итн. И така интересот за упис на овие факултети е на ниско ниво, се чудам кој во иднина ќе ја брани вистината за Македонија и Македонците, но што е тоа важно  Министерката зајакнува критериуми за напредување во звања на факултетите.

Ги повикувам редовните професори од наведените факултети и институти да не молчат и да коментираат по ќошиња без разлика каде за хонорари се ангажирани. Во спротивно ќе бидат директни соучесници во самоубиството кое си го правиме.

CATEGORIES
TAGS
Share This