ДЕНЕСКА 84. СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО – Шест точки на дневен ред
Пред пратениците се предлози за изменување и дополнување на повеќе закони, вклучувајќи работни односи, здравствена заштита и административни службеници.

Собранието денеска ќе ја одржи 84. седница, на која на дневен ред се вкупно шест точки.
Пратениците ќе расправаат за Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, како и за Предлог-законот за ратификација на Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за договорот за меѓународен патен превоз на стоки (CMR), кој се однесува на воведување електронски товарен лист.
На дневен ред е и Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, кој ќе се разгледува во второ читање.
По скратена постапка, пред пратениците ќе се најдат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, како и Предлог-законот за дополнување на Законот за здравствената заштита.


