ДЕБАТА ЗА 600 ЕВРА МИНИМАЛНА ПЛАТА – Мешање „баби и жаби“ – вели Клековски

Проблемот не е висината на минималната плата, туку ниската продуктивност на дел од фирмите

ДЕБАТА ЗА 600 ЕВРА МИНИМАЛНА ПЛАТА – Мешање „баби и жаби“ – вели Клековски
Фото: Национал

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, предупредува дека јавната дебата за воведување минимална плата од 600 евра во Македонија се води врз погрешни основи, со „мешање на баби и жаби“, особено кога се споредуваат нето и бруто износи и се занемарува паритетот на куповна моќ (ПКМ).

Тој нагласува дека Еуростат при меѓународните споредби користи бруто-плати, со цел да се елиминираат разликите што произлегуваат од различните даночни и социјални системи. Како пример ја посочува Црна Гора, каде минималната плата изнесува 600 евра нето, но околу 670 евра бруто, додека во Македонија минималната бруто плата е 586 евра. Според Клековски, тоа покажува дека земјата не се наоѓа на дното во регионот, како што често се тврди.

Тој објаснува дека разликите меѓу државите се резултат на различни модели на оданочување. Црна Гора има пониски придонеси и персонален данок, но значително повисок ДДВ – модел кој, доколку се примени во Македонија, би значел повисоки цени за граѓаните.

Според податоците на Еуростат, минималната бруто плата во Македонија, изразена во паритет на куповна моќ, изнесува 1.069 евра. Со тоа, земјата се искачува на 20. место и влегува во средната група меѓу земјите на Европската Унија и земјите кандидати.

Клековски оценува дека минимална нето плата од 600 евра би ја позиционирала Македонија, според куповна моќ, во иста група со Германија и Холандија, што, според него, не е реално со сегашното ниво на продуктивност.

Според него, клучниот проблем не е висината на минималната плата, туку ниската продуктивност кај дел од домашните компании. Тој додава дека странските и извозно ориентираните фирми имаат повеќекратно повисока продуктивност.

„Кога продуктивноста ќе порасне, тогаш ќе зборуваме и за значително повисоки плати, не само за минималната“, порачува Клековски.

Тој додава дека деновиве се предлага доколку не се зголеми минималната плата, да се намалат платите на функционерите за 80%. Сепак, предлогот не е целосно разјаснет – не се кажува колку точно се тие плати и на колку ќе се намалат.

Според службените податоци од февруари 2026, премиерската нето плата е 140.450 денари (~2.280 €), министри и директори, вклучително ФЗО нето 115.540 денари (~1.880 €), пратеници околу 110.000-130.000 денари (со додатоци).

Платата на премиерот е најниска во регионот според номиналниот износ и според паритетот на куповна моќ, слична на Албанија, Србија и Црна Гора. Со однос спрема просечна плата 3× просечната (~746 €) додкеа со однос спрема минимална плата 5,7× минималната (~397 €)

Иако платите на функционерите се релативно ниски во регионални рамки, со намалување од 80%, платите на министрите би паднале на околу 23.000 денари (~370 €), што е под сегашната минимална плата.

Дали предлагачот ќе поднесе таков предлог за нивните плати?

CATEGORIES
Share This