ПРОТЕСТ ПРЕД СОБРАНИЕТО, СЕДНИЦА ВНАТРЕ – Гаши не очекува отсуства
Иако влезовите за возила ќе бидат блокирани поради протестот на ССМ, спикерот очекува пратениците навреме да пристигнат на работа.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со медиумите потврди дека утрешната пленарна седница ќе се одржи и покрај најавениот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој ќе се одвива истовремено пред законодавниот дом. Иако ќе биде оневозможен пристапот за возила, Гаши изрази уверување дека пратениците ќе успеат навреме да пристигнат на своите работни места.
„Постигнавме договор дека работата на Собранието треба да продолжи, при што целосно го почитуваме и уставното право на протест. Не очекувам некој од пратениците да не дојде, дури и ако треба да дојде пеш“, изјави спикерот.
Тој појасни дека нема да се воведуваат вонредни безбедносни мерки, туку Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно редовните безбедносни протоколи. Во врска со барањата за зголемување на платите, Гаши истакна дека е неопходен системски пристап и нивелирање според приоритетот на функциите почнувајќи од претседателот на државата, па сè до наставниците и здравствените работници, со цел да се дојде до правично и одржливо решение.


