ДОВЕРБАТА ВО БАНКИТЕ РАСТЕ – Заштедите достигнаа рекордно ниво

Народната банка продолжува со политики за финансиска стабилност и поттикнување на штедењето

ДОВЕРБАТА ВО БАНКИТЕ РАСТЕ – Заштедите достигнаа рекордно ниво
Фото: Принтскрин

Заштедите на домаќинствата во домашниот банкарски систем се покажаа како стабилна и отпорна основа, дури и во услови на зголемена неизвесност и серија економски шокови во изминатите години. Ова го истакна советничката на гувернерот на Народната банка, Милица Арнаудова-Стојановска, во интервју за емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ Телма.

Таа посочи дека во последниот период е забележан засилен раст и на денарските и на долгорочните депозити, што, според неа, е резултат на стабилизирањето на очекувањата кај граѓаните, зголемените приноси од штедењето особено на долг рок и во домашна валута, како и мерките што Народната банка ги презема за поддршка на денаризацијата и за поттикнување на долгорочното штедење.

„Во декември 2025 година, вкупните депозити на домаќинствата достигнаа 445 милијарди денари, што претставува годишен раст од 12%. Во споредба со периодот од пандемијата наваму, заштедите на граѓаните се зголемени за повеќе од 50%, што ја потврдува довербата во банкарскиот систем и неговата отпорност“, нагласи Арнаудова-Стојановска.

Според неа, во последните години денарските и долгорочните депозити бележат двоцифрен раст. Учеството на денарските депозити достигнало 55%, а на долгорочните 33,5% од вкупните депозити на домаќинствата, за разлика од 47,8% и 25,1% соодветно во декември 2022 година. Овие показатели, како што истакна, потврдуваат дека банкарските депозити и натаму се најзначајниот и најсигурен облик на штедење за граѓаните, со значаен придонес за стабилноста на финансискиот систем и за поддршка на економската активност.

Последните расположливи податоци за 2024 година покажуваат дека банкарските депозити остануваат доминантен облик на штедење кај домаќинствата во земјава. Во структурата на финансискиот имот на домаќинствата, депозитите учествуваат со околу 60%, по што следуваат средствата во приватните пензиски фондови со околу 25%. Овие трендови се усогласени со движењата забележани во земјите од регионот и Европската Унија.

Арнаудова-Стојановска нагласи дека Народната банка и во наредниот период ќе продолжи со спроведување политики насочени кон зачувување на финансиската стабилност и создавање поволни услови за поттикнување на штедењето кај граѓаните.

CATEGORIES
Share This