ХРВАТСКА БАРА 65.000 СЕЗОНСКИ РАБОТНИЦИ – Странски работници клучни за сезоната во Хрватска
Регрутирањето започнува уште во јануари и февруари за да се обезбеди персонал на време

Хрватските работодавци започнуваат со потрагата по сезонски работници сè порано, бидејќи оваа година се проценува дека ќе им бидат потребни околу 65.000 лица. Специјалистот за односи со јавност во Alma Career Croatia/Moj posao, Ален Мрвац, објаснува дека главниот дел од регрутирањето се одвива на почетокот на годината.
„Потрагата е најинтензивна во јануари и февруари. До крајот на февруари, голем број работодавци веќе имаат пополнето значителен дел од својот персонал. Другите позиции се покриваат во случај на потреба, па огласи за вонредни ситуации се објавуваат во април или мај“, вели Мрвац.
Странски сезонски работници се бараат уште од минатиот октомври за да се обезбедат работни дозволи на време, известува ХРТ.
Бернард Зензеровиќ, директор на Хрватското здружение на хотелиери, нагласува дека потребата од сезонски работници е голема.
„Ни се потребни околу 65.000 сезонски работници. Се обидуваме што е можно повеќе од нив да обезбедиме од домашниот пазар, но тоа не е целосно можно. Очекуваме околу 15.000 домашни работници, а бројот на странски работници да остане на минатогодишното ниво околу 50.000“, објаснува Зензеровиќ.
Истражување на порталот „Мој посао“ покажува дека домашните работници почесто се одлучуваат за сезонска работа ако платата е во просек 30-40% повисока од онаа на континентот. Најбараните позиции се: готвачи, келнери, слаткарки, собарки, рецепционери, аниматори и продавачи.
Мрвац додава дека работодавците бараат квалитетен и искусен персонал:
„Висококвалификуван работник со богато искуство носи додадена вредност и го подигнува нивото на бизнисот. Таквиот персонал е редок и треба да биде добро платен. Критериумите се малку пониски отколку претходните години каде што порано се бараа пет години искуство, сега доволни се три“, објаснува тој.
Зензеровиќ, исто така, предупредува на растот на трошоците за работна сила:
„Од 2019 година до денес, трошоците за работна сила во хотелската индустрија се зголемија за околу 75%, додека приходите се зголемија за околу 58%. Колегите инвестираат многу во условите за сместување и во образованието на персоналот“, вели тој.
И покрај потребата од странска работна сила, работодавците се обидуваат да вработат и пензионери, ученици, студенти и невработени лица.


