БРИШЕЊЕ ПРОГРАМИ, МОДУЛАРНИ СТУДИИ, ПРОМЕНИ ВО ИЗБОРОТ НА ПРОФЕСОРИ – Нов закон ја менува македонската академска сцена

Професорите ќе мора да објавуваат научни трудови со висок импакт-фактор за напредување во звања.

БРИШЕЊЕ ПРОГРАМИ, МОДУЛАРНИ СТУДИИ, ПРОМЕНИ ВО ИЗБОРОТ НА ПРОФЕСОРИ – Нов закон ја менува македонската академска сцена
Фото: Принтскрин

Министерството за образование и наука (МОН) најави значителни промени со новиот закон за високо образование, кој ќе го замени постојниот од 2018 година. Една од главните мерки е намалување на бројот на студиски програми, бидејќи според министерката Весна Јаневска, неприфатливо е на некои програми да има само по двајца или тројца студенти.

Во моментов, универзитетите спроведуваат над 1.300 студиски програми, но нивниот број ќе се намали, а некои ќе се самозатворат или ќе бидат „затворени по сила на законот“.

Со воведувањето модуларност, на пример на Правниот факултет, сите студенти првите две години ќе следат исти предмети, а во следните две години ќе се усмеруваат кон различни специјализации. Ова ќе важи за сите факултети.

Законот ја зајакнува улогата на научниот кадар и критериумите за избор во звања. За аплицирање на позиции како доцент, вонреден и редовен професор, кандидатите ќе треба да имаат од шест до седум научни трудови, од кои три-четири во списанија со импакт-фактор. Професорите кои веќе се избрани нема да бидат опфатени ретроактивно, а новиот закон предвидува реизбор по седум години.

Новите правила за финансирање предвидуваат развојна и исклучителна компонента, со повеќе средства за универзитетите кои ги исполнуваат повисоките критериуми. Платите се веќе зголемени за 14%, а буџетот за научноистражувачка дејност е речиси двојно зголемен.

Законот предвидува воведување на стручни студии од прв, втор и трет циклус, како и кратки стручни програми за стекнување специјалистички знаења.

Се реорганизира Агенцијата за квалитет во високото образование, која ќе има обврска за евалуација, самоевалуација, акредитација и надзор на високообразовните установи. Одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите ќе ја зголемат транспарентноста на работата на државните универзитети.

Третиот закон го регулира финансирањето на научни установи, распределбата на средства за проекти и изборот во научни звања, во тесна корелација со другите два закона.

Законите ќе бидат поставени 30 дена на Националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за коментари и предлози. По јавните расправи на универзитетите и во парламентот, законот ќе биде доставен за усвојување.

Министерката Јаневска истакна дека при подготовката на законите учествувале над 60 професори, експерти, институции и студенти, со цел да се обезбеди квалитетна реформа на високото образование и науката во земјата.

CATEGORIES
Share This