ЗАКАНИ ОД ПРОТЕСТАНТИТЕ – Обвинителството со истрага за кривични дела
Се испитува дали говорот и однесувањето на дел од учесниците ги исполнуваат елементите на кривични дела

Јавното обвинителство, во координација со Министерството за внатрешни работи, отвори истрага за настаните поврзани со неодамнешните протести против проектот „Безбеден град“, откако беа изнесени наводи за закани упатени кон полициски службеници.
Како што информираат од Обвинителството, дадени се насоки за детално испитување на говорот и однесувањето на учесниците на протестите, со цел да се утврди дали постојат елементи на тешки кривични дела против државата и јавниот ред.
Во фокусот на истрагата се можни прекршувања на член 319 и член 387 од Кривичниот законик, но не се исклучува ниту постоење на други кривични дела кои се гонат по службена должност.
„Јавното обвинителство во координација со МВР презема соодветни мерки и активности. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, надлежните јавни обвинителства ќе постапат согласно своите надлежности“, соопштуваат од Обвинителството.

