ДОГОВОРОТ МЕЃУ САД И РУСИЈА ЗА НУКЛЕАРНО ВООРУЖУВАЊЕ ИСТЕЧЕ – Гутереш повикува на нов договор
Вашингтон и Москва формално ослободени од ограничувањата на нуклеарните арсенали

Последниот нуклеарен договор меѓу САД и Русија, познат како „Нов СТАРТ“, истече во четврток, ослободувајќи ги двете сили од низа ограничувања на нивните нуклеарни арсенали и поттикнувајќи страв од нова глобална трка во вооружување, известува „Гардијан“.
„За првпат по повеќе од половина век, се наоѓаме во свет без обврзувачки ограничувања за стратешките нуклеарни арсенали на двете земји кои поседуваат огромното мнозинство од светските нуклеарни залихи“ – изјави Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој додаде дека „Нов СТАРТ“ и другите договори за контрола на оружјето значително ја подобрија безбедноста на сите земји.
„Разбирањето на овие децениски достигнувања не можеше да дојде во полошо време. Ризикот од употреба на нуклеарно оружје е најголем во последните неколку децении“ – нагласи Гутереш.
Тој ги повика Вашингтон и Москва „без одлагање да се вратат на преговарачката маса и да се договорат за нова рамка“.
Договорот беше потпишан во Прага во 2010 година од тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев. Тој го ограничуваше нуклеарниот арсенал на секоја страна на 1.550 распоредени стратешки боеви глави, што претставува намалување од речиси 30 проценти во однос на претходната граница утврдена во 2002 година.
Русија и САД заедно контролираат повеќе од 80 проценти од нуклеарните боеви глави во светот.

