ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС – Денеска сослушување пет сведоци

Судир на аргументи меѓу Обвинителството и одбраната околу економичноста и основаноста на обвинението.

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС – Денеска сослушување пет сведоци
Фото: Национал

Со сослушување на сведоци и законски застапници на оштетените, денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување сведоци предложени од Обвинителството. На денешното рочиште, според најавите, треба да бидат сослушани пет сведоци.

На претходното рочиште сведочеа лица кои кобната вечер биле присутни во дискотеката. Тие во своите искази ја опишаа атмосферата на паника и хаос во моментите кога пламенот и густ чад ја зафатиле преполната сала, како и долготрајните психички и физички последици со кои и денес се соочуваат.

Адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на минатото рочиште, побара судот да го земе предвид брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката против службени лица, укажувајќи на целисходноста и економичноста на постапката. Тој нагласи дека за дел од обвинетите може да дојде до повлекување на обвиненијата.

„Обвинителството има контрадикторни ставови за ист настан и исти околности кога станува збор за службени лица. Со ваков пристап, исходот е извесен. Едно судење ја чини државата околу 150 илјади евра, па мора сериозно да се преиспита економичноста на постапката“, изјави Шилегов, најавувајќи доставување копија од брифингот до судот.

Обвинителот Борче Јанев одговори дека Јавното обвинителство сè уште ги нема формалните одлуки од ОЈО ГОКК за запирање на постапката против полициски службеници, нагласувајќи дека тие одлуки подлежат на оценка од повисоките обвинителства и не се конечни.

„Обвинителниот акт по кој денеска постапуваме не опфаќа полициски службеници. ЈО нема увид во одлуките на ОЈО ГОКК, ниту дали таму се наведени оштетени лица и причините за штета“, изјави Јанев.

Во воведното излагање, обвинителот Јанев нагласи дека судењето претставува чекор кон утврдување лична и институционална одговорност, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на употребата на пиротехнички средства, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола.

„Не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, порача обвинителот, истакнувајќи дека се бара правда не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност“.

Одбраната на повеќемина обвинети ја оспори основаноста на обвинението, тврдејќи дека обвинетите не презеле дејствија што би довеле до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Најавено е изведување докази и сведоци во прилог на овие тврдења.

Во воведниот збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци поминати во притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.

Сите останати обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за делото што им се става на товар.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Истрагата утврди дека дискотеката со години работела незаконски, без минимално-технички услови, без дозволени реконструкции и без систем за противпожарна заштита, што, според обвинението, придонело објектот да стане смртоносна стапица.

CATEGORIES
Share This