ЗАНАЕТЧИИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ – Минималната плата од 600 евра може да затвори дуќани
Зголемувањето ќе ги зголеми трошоците за придонеси и може да доведе до отпуштања, особено во помалите градови и руралните средини.

Занаетчиската комора Скопје денеска предупреди дека зголемувањето на минималната плата на 600 евра може да доведе до затворање голем број занаетчиски дуќани и отпуштање на вработени.
Според Комората, минималната плата треба да се утврдува согласно законот, а наглото зголемување би предизвикало значителен удар поради растот на трошоците за придонеси.
„Не сме против зголемување на минималната плата, но тоа треба да се направи врз основа на темелна анализа. Занаетчискиот сектор не може да го издржи ваквото темпо на континуирано зголемување на трошоците. Особено треба да се земе предвид состојбата на занаетчиите во помалите градови и руралните средини, каде постои голема миграција и намалена побарувачка за занаетчиски производи и услуги. За да преживеат и да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и може да доведе до затворање на голем број бизниси“ – рече на прес-конференција претседателот на Комората, Горан Ристовски.
Ристовски додаде дека посебно ќе бидат погодени занаетчиите што паушално плаќаат данок по решение од УЈП и оние што плаќаат данок по реално остварен приход.
Тој нагласи дека во Скопје има над 2.300 занаетчии, а на ниво на цела Македонија речиси 8.000. Иако постои недостиг на работна сила во сите сектори, тој оцени дека е охрабрувачки што сè повеќе ученици се заинтересирани за дуално образование.

