НОВА ШАНСА ЗА ФИРМИТЕ – Грантови до 300.000 евра за зелена трансформација на компаниите
Проектот „Грантова шема за зелено работење“ ќе трае од 2026 до 2030 година и ќе поддржи најмалку 300 компании

Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) ќе спроведува проект вреден 25 милиони евра за зелена трансформација на македонските компании во периодот 2026-2030. Проектот предвидува поддршка на најмалку 300 мали, микро и средни претпријатија.
Грантовата шема изнесува 22 милиони евра, а компаниите ќе треба да учествуваат со 20-50% сопствено финансирање. Првите јавни повици ќе бидат објавени во средината на 2026 година, а за информирање на компаниите ќе се организира и инфо-караван во соработка со општините, стопанските комори и регионалните центри.
Финансиските инструменти ќе опфаќаат техничка и советодавна поддршка, стандардизација и финансиска поддршка за набавка на опрема, технологии и развој на нови производи.
Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, истакна дека грантовите се наменети за компании кои инвестираат во одржливи, еколошки и иновативни решенија, особено од производствениот сектор, но и од други дејности кои можат да придонесат кон намалување на отпадот и користење на зелена енергија.
„Нашата амбиција е создавање нова генерација компании и зелени лидери кои покажуваат дека транзицијата кон одржливост е инвестиција во иднината, а не трошок. Проектот ќе овозможи пониски трошоци, поголема конкурентност, нови зелени работни места и економија што расте без да ја загрозува иднината на следните генерации,“ подвлече Димовска.
Проектот придонесува за европскиот „грин дил“ и Зелената агенда на Западен Балкан. Од 25 милиони евра, 18 милиони се поддршка од ЕУ, а седум милиони се буџетски средства.
На настанот по повод официјалниот почеток на проектот се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.
„Како што често истакнуваме, овие 25 милиони евра не се само бројка во буџетот, тие се директна инвестиција во македонските компании, во нивната конкурентност, во нивната европска иднина и во економијата што ја градиме за генерациите што доаѓаат. Особено значајно е што околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на добавувачи“ – рече Мицкоски.

