ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЗАЧИ ВО ЕУ – Временски рокови за законско регулирање на престој
Главната цел е возачите да не бидат апсени или депортирани додека го завршуваат започнатиот транспорт.

Претседателот на Бизнис асоцијацијата „Меѓународен транспорт“, Неџо Мандиќ, денеска изјави дека за донесување конечна одлука за должината на престојот на професионалните возачи од земјите од Западен Балкан во 29 европски земји ќе бидат потребни од 1,5 до 2 години.
Мандиќ за агенцијата Бета рече дека е задоволен од текот на разговорите со Европската комисија. Веднаш по најавата за промена во стратегијата за визниот режим на професионалните возачи во меѓународниот транспорт, на вчерашниот состанок беше формирана работна група која ќе предложи привремено решение додека не се усвои конечната одлука.
„Кога ќе се усвои конечниот предлог, ќе биде потребен закон за регулирање на должината на престојот на возачите во 29 европски земји. Потоа, секоја земја треба да го усвои законот и да изготви план за имплементација. Имајќи ги предвид процедурите во ЕУ, реално е ова да се заврши за година и пол до две години“, објасни Мандиќ.
Тој додаде дека постојат пет предлози за привремено решение, но главната цел е возачите да не бидат апсени или депортирани, како што се случувало досега, кога ќе го надминат дозволениот престој, туку да им се овозможи да го завршат започнатиот превоз на товар.
На почетокот на октомври 2025 година, 29 европски земји воведоа електронски, автоматизиран систем за контрола на влез и излез (EES) за граѓани од земји надвор од ЕУ.

