СИНДИКАТИТЕ СО ИНИЦИЈАТИВА – Помали плати за функционерите
Иницијативата предвидува минималната плата да биде основица за пресметка и намалување на коефициентите за 40 отсто

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска до Собранието и до сите пратенички групи поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за платата и другите надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица во државата, барајќи итно постапување без одлагање.
Со иницијативата, ССМ предлага измена на член 11 од Законот, со која основица за пресметување на платата на пратениците и на другите избрани и именувани лица да биде минималната плата во Републиката, според податоците на Државниот завод за статистика, наместо досегашната просечна плата.
Дополнително, се предлага коефициентите за утврдување на платата и надоместоците на овие лица да се намалат за 40 проценти.
Во образложението, од ССМ посочуваат дека актуелното законско решение предвидува основица за пресметка да биде просечната месечна плата по вработен во државата за претходната година, што, според синдикатот, создава нееднаков третман меѓу граѓаните.
Иницијативата, како што наведуваат, се темели на уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, како и на меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба и Универзалната декларација за човекови права.
Од ССМ истакнуваат дека за да постои еднаквост пред законите, појдовната основа за пресметка на платите треба да биде иста за сите граѓани. Во тој контекст, синдикатот смета дека минималната плата треба да биде основица за сите плати, особено ако, како што велат, анализите на Владата и на работодавачите покажуваат дека таа е доволна за задоволување на основните животни потреби.
Во иницијативата се потсетува и дека ССМ и Владата во 2023 година потпишале Општ колективен договор за јавниот сектор, со кој како основица за платите била предвидена просечната плата, по примерот на платите на функционерите. Сепак, според ССМ, Владата не го почитува договорот и бара укинување на тоа право за вработените.
Токму затоа, ССМ предлага истиот принцип да важи и за платите на функционерите, односно нивните плати да се пресметуваат врз основа на минималната плата, преку измена на член 11 од Законот за платата и другите надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица.

