ПРВИОТ ДЕН НА СЕЈФ СИТИ ЗАДОВОЛИТЕЛЕН – Регистрирани 500 прекршоци
Бројот на повредени лица во сообраќај се намали за 35%, а смртните случаи од 11 на 4

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ја посети централата на проектот „Безбеден град“ во СВР Скопје, каде официјално стартуваше новиот систем за евиденција на сообраќајните прекршоци.
Тошковски истакна дека проектот започнал успешно и се одвива според планираното.
„Денес е 1 февруари, околу 20 часот. Забележуваме значително намалување на бројот на сообраќајни прекршоци во споредба со периодот пред два месеци, кога започнавме со тестирањето. Денес, паметните камери регистрираа околу 500 прекршоци, што е огромен пад во однос на претходните над 120.000. Ова е резултат на совесноста на македонските граѓани и нивното одговорно однесување во сообраќајот. Благодарение на вас, бројот на повредени лица се намали за околу 35% на територијата на СВР Скопје, а бројот на смртни случаи во сообраќајни незгоди падна од 11 на 4“, истакна министерот.
Тошковски додаде дека официјалното пуштање во употреба на проектот покажува дека европските вредности можат да се применат во Македонија, и дека овој пристап значително ја подобрува безбедноста во сообраќајот во споредба со претходно.

