ХЕРНИНГ СЛАВИ – Данска ја покори Европа, бронза за Хрватска

Данците ја совладаа Германија со 34:27 во финалето во Хернинг и ја освоија четвртата европска титула

ХЕРНИНГ СЛАВИ – Данска ја покори Европа, бронза за Хрватска
Фото: Принтскрин

Данската ракометна репрезентација ја освои титулата европски шампион, откако во финалето на Европското првенство одиграно во Хернинг ја совлада Германија со 34:27. Со оваа победа Данска по четврти пат во својата историја се искачи на европскиот врв.

Најефикасни во победничкиот тим беа Симон Питлик со осум погодоци, како и Јохан Хансен и Матијас Гидсел со по седум гола. Кај Германија, најмногу се истакнаа Јоханес Гола, Јури Кнор и Марко Гргиќ, кои постигнаа по пет гола.

Од самиот почеток Данска делуваше посигурно и покомпактно, но не успеваше да се одлепи на резултатската табла. Германскиот голман Андреас Волф имаше одлични интервенции и ја одржуваше Германија во игра. На спротивната страна, Емил Нилсен не беше на своето вообичаено ниво, па неговото место го презеде Кевин Мелер, кој со неколку клучни одбрани ѝ даде стабилност на данската одбрана.

Германија во неколку наврати имаше водство, но пресвртен момент беше исклучувањето на Том Кислер поради груб фаул врз Гидсел, со што го заврши настапот на турнирот. И покрај тоа, натпреварот се одвиваше во изедначен ритам, со брз и атрактивен ракомет, а Данска на полувреме замина со минимална предност од два гола.

Во второто полувреме голманите повторно беа во прв план. И Мелер и Волф бранеа одлично, а Данска најчесто водеше со еден или два разлика. Клучниот исчекор Данците го направија по околу десет минути игра, кога постепено почнаа да го зголемуваат водството.

Иако Германија на десет минути пред крајот се доближи на минус два, немаше сила за целосен пресврт. Данска ги искористи грешките на противникот, ја презеде контролата и во финишот убедливо ја потврди победата.

Со оваа титула, Данска го освои Европското првенство по четврти пат, првпат по 2012 година во Србија, откако претходно триумфираше и во 2008 година во Норвешка.

Претходно во малото финале Хрватска го совлада Исланд со тесни 34:33 и го освои бронзениот медал. Избраниците на селекторот Дагур Сигурдсон со ова продолжија со континуитетот на врвни резултати, освојувајќи втор медал по ред. Потсетување, минатата година Хрватска се закити со сребро на Светското првенство.

Во чест на овој успех, Владата на Република Хрватска најави финансиска награда за сите членови на националниот тим. Играчите, стручниот штаб и селекторот ќе добијат по 5.250 евра. Свечениот прием за репрезентативците ќе се одржи утре на главниот плоштад во Загреб, со почеток во 16 часот.

Хрватските ракометари на турнирот одиграа дури девет натпревари во период од само две недели, што претставуваше огромен физички и психолошки напор. По кратките прослави, тимот ќе има само неколку дена одмор, по што играчите ќе мора брзо да се вратат во своите клубови и да ја продолжат натпреварувачката сезона.

CATEGORIES
Share This