ВО РЕГИОНОТ ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА НАЈЗАДОЛЖЕНИ – Македонија и Србија со умерен јавен дол
ЕК ја нагласува важноста на долгот за макроекономска стабилност

Јавниот долг на државата заклучно со 31 декември 2025 година изнесува 10,064.1 милијарди евра, објави Министерството за финансии.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, истакна дека овој резултат покажува заложби за стабилни јавни финансии и фискална консолидација, како и почитување на Мастришките критериуми, според кои јавниот долг треба да биде под 60% од БДП.
„Иако проекциите според Стратегијата за управување со јавниот долг предвидуваа тој да се движи над 60%, со посветена работа, внимателно планирање и строга контрола на расходите, успеавме да постигнеме пониски нивоа од очекуваното“ – рече министерката.
Димитриеска Кочоска појасни дека пониското ниво на јавниот долг се должи на внимателното трошење на буџетските средства, како и на контролиран и фазен процес на повлекување кредити од јавните претпријатија. Значајна улога во овој процес имаат Секторот за буџети и Секторот за меѓународни финансии во Министерството за финансии, кои континуирано ги следат финансиските состојби и извештаи на овие друштва.
На прашањето за очекувањата за движењето на јавниот долг до крајот на 2026 година, министерката рече дека не очекува тој да надмине 60%, но сè зависи од реализацијата на приходите.
„За оваа година проектиравме реални даночни приходи и постои можност за нивно надминување, особено со целосната примена на системот Е-фактура“, додаде таа.
Според податоците од Министерството за финансии, надворешниот јавен долг изнесува 4,493.9 милијарди евра, а внатрешниот јавен долг е 4,570.2 милијарди евра.
Државниот долг заклучно со крајот на 2025 година изнесува 538,253.1 милијарди евра (51,8% од БДП) и бележи намалување од 1,2 процентни поени во споредба со претходната година.
Во регионот Црна Гора е најзадолжената земја со јавен долг кој изнесува 58,6 проценти од бруто домашниот производ (БДП), покажуваат најновите квартални податоци на Европската комисија.
Веднаш зад неа е Албанија, која, и покрај намалувањето на долгот во последните години, останува меѓу земјите со највисоко ниво на јавен долг во регионот. Според податоците за третото тримесечје од 2025 година, јавниот долг на Албанија достигна 53,5 проценти од БДП.
Другите земји од Западен Балкан имаат пониски нивоа на задолженост. Србија – 43 проценти, додека Босна и Херцеговина и Косово бележат 26,4 проценти и 16 проценти од БДП, соодветно.
Европската комисија нагласува дека јавниот долг е еден од клучните индикатори за макроекономска одржливост, бидејќи ја одразува способноста на земјите да управуваат со јавните финансии во предизвикувачки услови.
Во анализата се истакнува дека нивото на долгот е под влијание на повеќе фактори, вклучувајќи фискални мерки преземени за време на економското закрепнување по кризите и потребата од поддршка на јавните услуги.
Иако потрошувачката и домашната побарувачка остануваат главни двигатели на економскиот раст, одржувањето на јавниот долг на одржливо ниво претставува предизвик за земјите-кандидатки за ЕУ. Тоа бара внимателна рамнотежа помеѓу инвестициите и фискалните политики.
За помалите економии во регионот, глобалните надворешни услови, трошоците за сервисирање на долгот и проширувањето на капиталните трошоци директно влијаат на нивото на задолженост.
Во извештајот се нагласува дека за земјите кои се стремат кон поблиска интеграција со Европската Унија, управувањето со долгот и зајакнувањето на фискалната структура се клучни за долгорочна макроекономска стабилност.

