ПОЗНАТА ПРИЧИНАТА ЗА СИНОЌЕШНАТА СООБРАЌАЈКА Три лица загинаа а осум се повредени
Според првичните информации кои ги добив, станува збор за огромна неприлагодена брзина од страна на еден на учесниците во сообраќајот, кој за жал, е починат

Неприлагодена брзина според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е веројатната причина за синоќешната тешка сообраќајна несреќа во која имаше загинати и повредени.
„Три лица го загубија животот. Според првичните информации кои ги добив, станува збор за огромна неприлагодена брзина од страна на еден на учесниците во сообраќајот, кој за жал, е починат. Бројот на сообраќајни жртви во оваа година во првото тромесечје е сличен како и бројот на жртви лани. Со тоа што можам да кажам дека бројките се катастрофални во споредба со европските стандарди“ – рече министерот Тошковски.
Притоа Тошковски додаде дека е мора во иднина максимално да се фокусираме кон поголемо смирување на сообраќајот од секој аспект, како и на имплементирање на проектот „Безбеден град“ на цела територија на државата упатувајќи апел:
„Да ги почитуваат сообраќајните правила, дозволената брзина, бидејќи експертите тврат дека и кога се управува возило, а тоа е над 70 км/час, а има челни удари како вчера, можноста за преживување е нула“, додаде тој.
Сообраќајната несреќа се случи вчера меѓу Кичево и селото Трапчин дол. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево заедно со увидни екипи од МВР изврши увид на лице место каде во сообраќајна несреќа меѓу три возила животот го загубија три лица, а осум се повредени. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телата на починатите, како и за испитување на евентуално присуство на алкохол или други супстанции кај повредените.

