МАКАМ ТРАНС ВЕЧЕРВА ОДЛУЧИ – Границите се отвораат, прекин на блокадата

Блокадите на сите гранични премини се укинуваат од 20:00 часот

МАКАМ ТРАНС ВЕЧЕРВА ОДЛУЧИ – Границите се отвораат, прекин на блокадата
Фото: Национал

Асоцијацијата „Макам-транс“ соопшти дека од вечерва, 29 јануари 2026 година, со почеток од 20:00 часот, се прекинува протестот и блокадата на граничните премини за влез и излез од државата.

Од асоцијацијата изразија благодарност до сите кои во изминатите денови дадоа поддршка на блокадите, нагласувајќи дека заедништвото и солидарноста на професионалните возачи и нивните поддржувачи донеле конкретни резултати.

Како што информираат, согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европската комисија донела одлука да започне со изработка на нова визна стратегија. Со оваа стратегија се очекува да се надмине проблемот со правилото за престој „90 дена во период од 180 дена“, со кое подолг период се соочуваа професионалните возачи.

Имајќи ја предвид добиената потврда за најавените промени, Асоцијацијата „Макам-транс“ одлучи да го прекине протестот на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.

Од асоцијацијата упатија и посебна благодарност до медиумите и порталите кои, како што наведуваат, ја направиле нивната борба видлива и на европско ниво, потенцирајќи дека заедништвото ќе остане клучно и во понатамошната борба за унапредување на правата на професионалните возачи.

CATEGORIES
Share This