МАКЕДОНСКАТА СКИЈАЧКА ВО СВЕТСКА ФОРМА – Јана Атанасовска блесна во Австрија
Со 26.41 ФИС поени и 4-то место во Телфс, младата скијачка го постави најдобриот женски резултат во историјата на македонското алпско скијање.

Македонското алпско скијање доби нова хероина. Младата Јана Атанасовска постави стандарди што до неодамна изгледаа недостижни, остварувајќи историски успех на ФИС слалом трките во Телфс, Австрија.
Во првата трка, Атанасовска го освои извонредното 4-то место и постави нов личен и национален рекорд со 26.41 ФИС поени и најдобар женски резултат во историјата на македонското скијање. Досегашниот рекорд, исто така во нејзина сопственост, изнесуваше 30.56 поени, што го прави овој напредок исклучително значаен чекор кон светската елита.
Одличната форма Јана ја потврди и во втората трка истиот ден, каде го освои 6-то место со 30.78 ФИС поени, демонстрирајќи стабилност и континуитет во силна меѓународна конкуренција.
Овие резултати доаѓаат во идеален момент. Со веќе три настапи во Светскиот куп и освоено злато на ФИС трката во Вајнебене, Јана Атанасовска се профилира како главен македонски адут за Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026.
Под водство на својот тренер Александар Атанасовски – Чаве, таа подготвено ги напаѓа дисциплините слалом и велеслалом, со јасна цел и македонското знаме достоинствено да се вее меѓу најдобрите светски скијачки нации.

