ДИРЕКТЕН ДИЈАЛОГ НА МАСА – Трамп предлага средба Путин-Зеленски
Ушаков вели дека идејата за директен контакт меѓу Путин и Зеленски била разгледувана повеќепати во разговорите меѓу Трамп и рускиот претседател

Американскиот претседател Доналд Трамп му предложил на рускиот лидер Владимир Путин да ја разгледа можноста за директен контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави денес Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател.
„Ова прашање не ни е ново. Всушност, беше дискутирано неколкупати за време на телефонските разговори меѓу претседателите Владимир Владимирович Путин и Доналд Трамп. Во тие разговори, Трамп, меѓу другото, предложи да ја разгледаме оваа можност“ – изјави Ушаков во интервју за телевизискиот канал „Росија 1“, пренесува агенцијата Интерфакс.
Тој нагласи дека евентуалните контакти меѓу рускиот и украинскиот претседател треба да бидат добро подготвени и насочени кон постигнување конкретни резултати.
„Најважно е овие контакти да бидат темелно подготвени. Второ, тие мора да бидат насочени кон постигнување конкретни и позитивни резултати“ – истакна Ушаков.
Тој потсети и на претходната изјава на Путин дека Москва е подготвена да ја гарантира безбедноста на Зеленски доколку тој одлучи да дојде во Русија на разговори.
Претходно, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Зеленски изразил подготвеност лично да се сретне со Путин, со цел да се разговара за прашањата поврзани со територијата и управувањето со нуклеарната централа Запорожје.

