ЗА НАШИТЕ ДЕЦА И ВНУЦИ – Протест за повисоки плати во Македонија
Работниците тргнуваат од Работничкиот дом во 17 часот, барајќи минимална плата од 600 евра

Попладнево, во 17 часот, од пред Работничкиот дом ќе тргне поворка на работници кои ќе го изразат своето незадоволство од ниските плати и ќе побараат зголемување од најмалку 6.000 денари, со цел минималната плата да достигне 600 евра.
Лидерот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, истакна дека протестот е „за вашите деца, внуци и семејства, за да останат во Македонија и да не заминуваат во странство“. Тој ги повика граѓаните да се облечат топло и да излезат на улица, дури и ако треба да останат анонимни.
Поворката ќе тргне од Работничкиот дом и ќе продолжи пред Собранието, каде пратениците, како што рече Трендафилов, „се слепи и глуви“ на предлогот за зголемување на платите. Потоа протестот ќе се упати кон работодавачите, кои, според синдикатот, се главните виновници за ниските плати, и ќе заврши пред Владата, која 36 години, според Трендафилов, „не прави ништо за работниците“.
ССМ оценува дека за две години, колку што Владата одбива да ги зголеми платите и работодавачите одбиваат да се договорат, работниците се посиромашни за 9.500 денари, што е износот на зголемувањето на Синдикалната минимална кошница.

