ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЌЕ НЕМА – Љубител сум на убави часовници, ќе објавам колку данок сум платил
Тој демантираше дека се повлекол од наводно ветување и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори во секој момент., но сега не е време за избори

На синоќешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, премиерот Христијан Мицкоски се осврна на сите актуелни политички и општествени теми.
На крајот од емисијата, Мицкоски јасно порача дека годинава нема да има предвремени парламентарни избори, нагласувајќи дека приоритет на Владата се реформите, а не изборните процеси.
„Цело време зборувам колку лоши работи наследивме и колку многу треба да се направи за да биде подобро. Ако сега кажеме дека се подготвуваме за парламентарни избори, тоа би значело да потрошиме половина година од животот на граѓаните“, изјави премиерот.
Претходно во емисијата, говорејќи за средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и обвинувањата дека дал ветување за предвремени избори, а потоа се повлекол, Мицкоски истакна дека нема причина за повлекување, бидејќи, како што рече, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговараат избори во секој момент.
Премиерот се осврна и на проектот „Сејф Сити“, посочувајќи дека новиот систем веќе дава резултати, со значително намалување на бројот на загинати лица и сообраќајни несреќи.
Во емисијата, Мицкоски одговори и на критиките од опозицијата поврзани со скапите часовници кои ги поседува. Тој призна дека е љубител на луксузни часовници и најави дека во наредниот период јавно и транспарентно ќе објави колку данок платил на државата.
„Не сум криев дека сум љубител на убави часовници и дека поседувам колекција. Во периодот што следи транспарентно ќе објавам колку данок сум платил додека сум работел во европски компании, како и колку дополнително сум уплатил во државата. Сè што сум работел е чесно и достоинствено и нема да дозволам да се извалка името на моето семејство. Никому ништо не должам и секогаш работам во интерес на Македонија“, изјави Мицкоски.

