МИЦКОСКИ НЕОДРЕДЕНО ЗА СРЕДБА СО АХМЕТИ – Ќе има средба… некогаш
Иако средбата беше договорена на лидерската средба, премиерот сè уште не прецизира кога и дали ќе се одржи разговорот со лидерот на ДУИ

Премиерот Христијан Мицкоски не даде конкретен одговор дали ќе се одржи најавената тет-а-тет средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иако таа беше договорена на претходната лидерска средба. Останува нејасно дали воздржаниот став на Мицкоски е поврзан со тоа што Европскиот фронт, предводен од ДУИ, гласаше против Законот за прекршоци, односно т.н. „Сејф сити“, иако претходно беше најавена поддршка во Собранието.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди двотретинско мнозинство и без гласовите на ДУИ и не само за законот за „Сејф сити“, туку и Бадентерово мнозинство при изборот на Народниот правобранител.
„Ќе има средба… ќе има средба… некогаш“, изјави кратко премиерот Мицкоски.
Од друга страна, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, минатата недела во телевизиско гостување изрази уверување дека средбата ќе се реализира во најскоро време, додавајќи дека доколку не добие покана, тој самиот ќе иницира разговор.
На прашањето дали ќе го покани Мицкоски или ќе чека покана, Ахмети одговори дека, доколку премиерот го одложи повикот, тој ќе го повика, нагласувајќи дека постои договор да се седне и да се разговара за прашања од државен интерес.
Ахмети претходно изјави дека на тет-а-тет средбата ќе отвори теми значајни за граѓаните. Иако не прецизираше детали, неофицијално се наведува дека планира да ги изнесе своите предлози за избор на Влада со Бадентерово мнозинство, како и одлуките на Уставниот суд за закони што се носат со двојно мнозинство, исто така да подлежат на Бадентер.

