ЛОШИ ВЕСТИ ЗА БРИТАНЦИТЕ – 6,8 милиони живеат во длабока сиромаштија
За првпат по 30 години бројката на луѓе во длабока сиромаштија достигна 6,8 милиони

Најновото истражување на Фондацијата Џозеф Роунтри (Joseph Rowntree Foundation), организација за борба против сиромаштијата, открива дека околу 6,8 милиони Британци живеат во „длабока сиромаштија“ што е највисок број во последните три децении.
„Длабока сиромаштија“ се дефинира како состојба каде семејство составено од двојка со две мали деца, по покривање на трошоците за домување, располага со помалку од 16.400 фунти (околу 18.880 евра) годишно, што претставува 40% од медијалната плата во Велика Британија.
Иако вкупната стапка на сиромаштија во земјата се намалила од 24% во 1994/95 година на 21% во 2023/24 година, стапката на длабока сиромаштија, напротив, се зголемила од 8% на 10%.
Истражувањето исто така покажува пораст на детската сиромаштија, која трета година по ред бележи зголемување, достигнувајќи околу 4,5 милиони деца.
Ограничувањето воведено од Конзервативната влада во 2017 година, според кое семејствата со три или повеќе деца добиваа ист износ на детски додаток како семејствата со две деца, беше укинато на крајот на минатата година. Ова ќе обезбеди дополнителни 3,1 милијарди фунти за семејствата со ниски приходи. Фондацијата Џозеф Роунтри ја поздравува оваа одлука, но истовремено нагласува дека тоа не е доволно за целосно справување со детската сиромаштија.
Истражувањето укажува дека децата и лицата со попреченост се особено погодени од сиромаштијата, а некои малцински групи, како заедниците од Бангладеш и Пакистан во Велика Британија, се со особено високи стапки на сиромаштија.
Џон Берд, основач на добротворната организација „Биг ишју“ (Big Issue), оцени дека резултатите од истражувањето се „лоши вести за општеството“.
Инфлацијата во Велика Британија во декември достигна 3,4%, но се очекува наскоро значително да забави.

