БРИСЕЛ ПРИТИСКА ЗА СРЕДБА – Скопје чека сигнал од Софија

Министерот за надворешни работи вели дека Владата е подготвена за дијалог, но оти без добра волја од Софија нема напредок

БРИСЕЛ ПРИТИСКА ЗА СРЕДБА – Скопје чека сигнал од Софија
Фото: Национал

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека од Брисел повторно има иницијатива за организирање средба со Бугарија со цел деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава.

Во телевизиско гостување Муцунски истакна дека Владата примарниот фокус во евроинтеграциите го става на спроведување на домашните реформи, при што, како што рече, постои задоволство и од страна на Брисел. Посебно го нагласи фактот дека Акцискиот план за заштита на малцинствата бил позитивно оценет и поздравен од повеќе земји членки на Европската Унија. Сепак, потенцираше дека сè уште недостасува суштински дијалог за решавање на најкомплексниот проблем во односите со Бугарија.

„Во текот на декември имаше сериозни иницијативи од неколку поголеми и влијателни земји членки на ЕУ, заедно со раководството на Унијата, за организирање средба меѓу мене и мојот колега Георгиев. Од нас како Влада беше побарано да предложиме термини, но ние рековме тие да го одредат датумот. За жал, од Софија немаше позитивен одговор. Деновиве повторно од Брисел има иницијатива за ваква средба и ние сме подготвени, кога другата страна ќе покаже волја, да ги размениме аргументите и да ги изнесеме нашите објективни грижи – рече Муцунски.

Тој нагласи дека меѓу тие грижи е и стравот дека и по евентуалното усвојување на уставните измени, државата повторно би можела да се соочи со блокади по прашања поврзани со идентитетот, историјата и јазикот. Муцунски посочи и на проблемот со неприменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија, како и на потребата од конструктивен соседски дијалог.

„Пример за тоа дека можеме да постигнеме резултати кога има волја е соработката на Коридорот 8. За решение се потребни двајца, добра волја и разговор во духот на европските вредности. Нашата Влада е подготвена за таква средба во секое време, без оглед на исходот од изборите во Софија – истакна тој.

Муцунски додаде дека во разговорите со претставниците на земјите членки и со Европската комисија постојано се бараат можни решенија, но дека дел од идеите не може јавно да ги сподели, бидејќи би биле веднаш отфрлени.

„За нас се клучни неколку фундаментални прашања: да се стави крај на националните отстапки кои задираат во нашите идентитетски обележја – јазикот, културата и историјата, без разлика од која држава доаѓаат. Исто така, очекуваме македонските национални малцинства надвор од нашите граници, особено во земјите членки на ЕУ, да добијат европски третман“ – рече Муцунски.

Тој оцени дека, можеби поради изборниот процес во Бугарија, бил забележан некоректен однос кон Акцискиот план за малцинства.

„Софија се однесува како што се однесува, но ние мора да се фокусираме на домашните реформи, да го европеизираме нашето општество, да ги исполнуваме меѓународните обврски и истовремено да бидеме проактивен фактор во изнаоѓањето решение“ – заклучи Муцунски.

CATEGORIES
Share This