ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС – Потресно сведочење од трагичната вечер

Дискотеката била преполна, без противпожарни апарати и со присуство на малолетници

ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС – Потресно сведочење од трагичната вечер
Фото: Национал

Кристијан Панов, невработен млад човек кој повремено работел како келнер во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска сведочеше пред судот за функционирањето на објектот и за трагичната вечер на пожарот, во кој животот го загуби и неговиот брат Андреј Панов.

Панов изјави дека никогаш не бил формално вработен, туку бил ангажиран директно од сопственикот, Дејан Јованов – Деко, а исплатата секогаш ја добивал во кеш. „Бевме платени по 1.500 денари. Парите ги добивавме на почетокот на смената, а тоа што ќе останеше од бакшишот беше наше“, рече тој.

Според неговото сведочење, во „Пулс“ настапувале домашни и странски бендови и диџеи, а во одредени прилики се користеле пиротехнички средства. „Непосредно пред несреќата имаше диџеј од Грција, а настапуваа и танчарки кои вртеа факели со оган“, додаде тој.

Панов истакна дека дискотеката имала само еден влез и излез и не бил сигурен дали биле соодветно обележани. Не забележал противпожарни апарати, а посочи и дека често имало малолетници. „Да, имаше малолетници. Полицијата доаѓаше повремено, понекогаш и без униформа“, рече тој.

За кобната вечер, сведокот опиша дека бил надвор на пауза кога одеднаш настапила паника. „Одеднаш сите почнаа да трчаат. Настана стампедо на скалите, луѓето се заглавија меѓу двете врати на влезот. Сите се обидуваа да излезат што побрзо.“

Панов се обидел да го пронајде својот брат Андреј, кој работел како шанкер. „Влегов внатре, но не можеше да се издржи повеќе од неколку секунди. Го барав брат ми, но не го најдов. Подоцна, при повторниот обид, го најдов на самиот праг на дискотеката. Го препознав по тетоважите.“

Андреј бил пренесен во амбуланта, каде му била укажана помош, но подоцна било соопштено дека починал.

Панов додаде дека билетите и резервациите се правеле преку менаџерот Борис Финдачки, но и директно преку сопственикот или неговиот син Михајло. За време на вкрстеното испрашување, одбраната се обиде да го оспори неговото сведочење, особено во делот за противпожарната опрема и присуството на малолетници, но тој повтори дека лично не видел апарати пред пожарот, освен кога сопственикот користел апарат за гаснење.

Панов истакна дека полицијата била свесна за присуството на малолетници во објектот. „Апсолутно знаеле, без разлика дали биле во униформа или не“, рече тој, додавајќи дека дискотеката била преполна таа вечер.

Друг преживеан исто така сведочеше за кобната вечер. Густ црн чад и неподнослива жештина – вака сведокот Тоше Трендафилов ги опиша првите моменти по избувнувањето на пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој наведе дека во објектот не забележал противпожарни апарати. На кобната вечер, според неговото сведочење, сопственикот Дејан Јованов-Деко учествувал во гаснењето на пожарот. Трендафилов сакал да бега преку тоалетите, каде што отишле повеќе негови познаници, но пријателот што го придружувал го убедил да излезат преку главниот влез.

„Се спушташе густ црн чад од плафонот, жештината беше неподнослива. Имаше деца едни врз други. Се обидував да излезам, но беше невозможно. Луѓето лежаа едни врз други, и кога паднав, ме турнаа и ме газеа, повраќав. Ја ставив маицата на уста и изгубив свест, но некој ме извлече надвор“, рече Трендафилов.

Тој исто така посочи дека барал помош од полицајци кои биле пред објектот, но тие му рекле да се тргне од местото и, според неговото сведочење, не му била пружена помош.

„Не ми пружија помош“, нагласи тој.

Иван Данаилов, гостин во дискотеката, сведочеше дека бил поканет на роденден и пристигнал околу 00:50 часот. Купил билет, но не добил фискална сметка. Влезот имал обезбедување, скали, мала врата и двојна „каубојска“ врата која водела во дискотеката. Иван забележал присуство на малолетници и пиротехника на настапите, но пожарот почнал околу 2:32 часот над главите на гостите. Настанало стампедо, а полицијата надвор не интервенирала.

Во денешната судска сведочеше и Иван Данаилов, кој бил гостин во дискотеката во кобната ноќ.

Тој рече дека бил поканет на роденден и пристигнал околу 00:50 часот. Купил билет од билетарата десно, од човекот по име Тодор, и не добил фискална сметка. На влезот имало обезбедување, двајца присутни таа вечер, а претходно забележал и други лица. Не му било побарано лична карта како возрасен, но како малолетник му ја барале.

Опиша дека влезот имал скали, билетара, мала врата, мал ходник и двојна „каубојска“ врата која водела во дискотеката. Имало и друг излез покрај бината, но тој не забележал дека некој ја користел.

Внатрешниот простор го опиша вака: левата страна тоалети, преграда, маси, шанкови и на крај бината. Двата шанка беа лево и десно, а централно беше бината. Просторот бил тесен и тешко се поминувало. Во текот на вечерта, прво настапувал диџеј, а бендот почнал околу 2:00 часот. Забележал присуство на малолетници.

Иван рече дека пејачот Панчо објавил дека полицајци влегле во дискотеката, но забавата не била прекината. Тој претходно забележал и пиротехника на настапи, но никогаш не се случил пожар.

Пожарот почнал во 2:32 часот, прво над главите на сведокот. Настапот престанал, а сопственикот донел ПП апарати. Иван се разминав со лице кое носело апарат, а друг од бината веќе го гаснел пожарот. Настанало стампедо и загушлив чад. Стојанче Димитриев од обезбедувањето го извлекол од гужвата.

Сведокот забележал дека надвор полицијата стоела настрана и не помагала при евакуацијата. Тој не бил повреден, но помогнал на повредени лица со вода и организирање на превоз.

Иван потврди дека излезната врата покрај бината била во функција, дека пиротехниката била присутна и пред ковидот и по него, но немало инциденти. Објасни дека како малолетен успевал да влезе со билет, без лична карта. Не видел кој точно ја активирал пиротехниката, но забележал три прскалки на бината со антени за далечинско активирање.

Тој бил во првиот ред пред бината кога почнал пожарот, но не можел да каже која прскалка го предизвикала. Откако го извлекол Стојанче, сведокот не видел други спасувања од него.

Иван познавал малолетници во дискотеката и потврди дека тие немале 18 години.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Објектот бил преполн, во него имало малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Според обвинението, дискотеката со години работела незаконски, без минимални технички услови и без соодветен систем за противпожарна заштита.

CATEGORIES
TAGS
Share This