СЕДУМ ДЕНА БЕЗ ТОВАРЕН СООБРАЌАЈ – Најавена целосна блокада на македонските граници
Сите гранични премини ќе бидат затворени за товарни возила, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено

Од утре напладне, во наредните седум дена, ќе има целосна блокада на граничните премини за влез и излез на товарни возила. Камионските превозници од целиот Балкан најавија заеднички протест поради новиот систем на Европската Унија за евиденција на влез и излез, со кој, како што велат, неправедно им се скратува дозволениот престој на возачите.
Протестот го организираат транспортери од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Во земјава, сите гранични премини ќе бидат затворени за товарен сообраќај, додека автобусите и патничките возила ќе можат непречено да сообраќаат.
„Од наша страна ќе бидат затворени граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато кај Дебар и Блаце. Табановце ќе остане отворено од македонска страна, но ќе биде блокирано од српските превозници“, изјави Билјана Муратовска од транспортната асоцијација „Макам-транс“.
Муратовска предупреди дека новиот систем, особено од 10 април кога целосно ќе започне електронското броење на деновите, ќе доведе до значително поскапување на транспортот и сериозни штети за економиите на целиот Западен Балкан. Таа посочи дека проблемите веќе се појавиле и околу 100 босански транспортери биле гонети од полицијата, приведувани и депортирани поради надминување на дозволениот престој од 90 дена, а слични случаи имало и со македонски превозници.
„Овие луѓе не се ниту терористи, ниту мигранти, а со нив се постапува како со најголеми криминалци“, реагира Муратовска.
Камионските транспортери велат дека се дискриминирани, бидејќи за сите други видови транспорт и авионски, бродски и железнички постојат исклучоци и олеснувања, додека за нив не. Според нив, решението е едноставно: и за возачите во патниот товарен сообраќај да важат истите отстапки како и за кабинскиот персонал во другите транспортни дејности.

