АХВ СПРОВЕДЕ МАСОВНИ ИНСПЕКЦИИ – Уништена над 355 тони небезбедна храна
Издадени решенија, прекршочни пријави и кривични пријави

Минатата година официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа над 125.000 инспекциски контроли во областа на безбедноста на храната, храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Контролите опфатија домашно производство и промет, дистрибуција, угостителство, како и увоз и извоз на храна. Главниот фокус беше на спроведување и одржување на процедурите за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, НАССР системот за безбедност на храната, правилното означување на производите, мониторинг на домашно и увозно производство, како и здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Фреквенцијата на инспекциите се определуваше според ризикот на објектите – оние со висок ризик беа почесто контролирани. Во 2025 година, во рамки на редовни и вонредни инспекции во внатрешниот промет беа реализирани 47.200 контроли. Издадени беа 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави, изречени 1.073 прекршочни платни налози со вкупна вредност од 618.010 евра, а поднесени беа и 8 кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Во текот на овие контроли, одземена и безбедно уништена е небезбедна храна во вкупна количина од 355.377 кг, меѓу кои месо и месни производи, млеко и млечни производи, јајца, риба, јаткасти плодови, кондиторски производи и пијалаци.
Исто така, инспекциите опфатија 78.016 контроли на увозни и транзитни пратки со храна од животинско и неживотинско потекло, материјали што доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и живи животни. Како небезбедни биле уништени 8 пратки со храна од неживотинско потекло во вкупна количина од 69.785 кг (една пратка била вратена на земјата-извозник) и 3 пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22.061 кг, додека 16 пратки биле вратени.

