РАСТЕ СВЕСТА КАЈ МЛАДИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ – Опфатот со ХПВ вакцина во Македонија достигна 60%
Новиот вид вакцина штити од повеќе типови ХПВ и ја проширува превенцијата на карциномите.

Според проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација, опфатот со ХПВ вакцина во Македонија продолжува да расте и во 2025 година достигна 60%, откако во 2023 беше 58,6%, а за време на ковид-пандемијата падна на 35,5%.
„Со задоволство можам да кажам дека бројките се во нагорен тренд. Во регионот сме меѓу лидерите, бидејќи Македонија беше една од првите земји што ја воведоа ХПВ вакцината,“ истакна проф. Грозданова.
Таа се осврна за ова на настанот за Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката, организиран од Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.
ХПВ вакцината е една од двете вакцини кои спречуваат карцином. Освен за превенција од инфекција со ХПВ, таа го намалува ризикот од развивање на цервикален карцином, како и на други карциноми поврзани со ХПВ.
Во 2025 година во Македонија целосно беше воведена деветвалентната ХПВ вакцина, која сега се дава и на момчиња. Временскиот период за вакцинација беше проширен, така што сите деца до 19 години, без разлика на полот, можат да бидат вакцинирани.
„Забележуваме зголемување на свеста кај младите и родителите. Едукацијата на здравствените работници помогна да се надмине стигмата околу оваа вакцина и сега се фокусираме на разговор и информирање,“ додаде проф. Грозданова.
Проф. д-р Виолета Клисаровска, раководителка на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, истакна дека бројот на новодијагностицирани случаи на рак на грлото на матката расте. Според најновите податоци, во 2025 година биле регистрирани 122 нови пациентки, во споредба со 74 во 2024 година.
„Особено загрижува висок процент од 70-80% од пациентките кои се јавуваат со локално напредната болест, кога третманот е најтежок и најскап. Најмоќното оружје против оваа болест останува ХПВ вакцинацијата, во комбинација со редовен скрининг што опфаќа што поширок дел од населението,“ подвлече проф. Клисаровска.

