ПРАВДА ШТО ДОЦНИ НЕ Е ПРАВДА – Кочани маршира за жртвите од „Пулс“

Роднините и повредените ги критикуваат обвинувањата за одолговлекување на истрагата и најавуваат продолжување на протестите

ПРАВДА ШТО ДОЦНИ НЕ Е ПРАВДА – Кочани маршира за жртвите од „Пулс“
Фото: Национал

Денеска во Кочани се одржа 36. по ред „Марш за ангелите“, организиран од родителите и блиските на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Главната порака на маршот гласеше: „Правдата што доцни, не е правда“, со нагласок дека протестите ќе продолжат сè додека виновниците не се соочат со законот.

На маршот беше оддадена почит и на младата дизајнерка Фросина Кулакова, која загина во сообраќајна несреќа во Скопје, преку едноминутно молчење.

Покрај барањето за правично гонење на виновниците, роднините и повредените истакнаа дека многумина од нив сеуште се борат со последиците од катастрофалниот пожар.

Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ соопшти дека државата наплатила над 2,2 милиони денари персонален данок од средствата собрани преку донации за помош на настраданите. Од собраните средства, 123 лица ќе добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари, со цел помошта да стигне кај оние што најмногу имаат потреба.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Роднините остро го критикуваа Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), наведувајќи дека истрагата, започната на 12 јуни 2025 година, се одолговлекува.

„Месеци слушаме дека истрагата е во завршна фаза, а одлука сè уште нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одлука и одговорност!“ – порачаа организаторите.

Блиските и роднините потенцираа дека нема да дозволат случајот со 63-те жртви да заврши како „уште една затурена папка“ во судските архиви.

CATEGORIES
TAGS
Share This