СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ МЕЛАНИЈА – Поглед зад сцената во Белата куќа
Филмот го прикажува животот на Меланија Трамп во 20-те дена пред втората инаугурација на Доналд Трамп

Филмот „Меланија“, посветен на животот на првата дама на САД, Меланија Трамп, ќе ја има својата светска премиера на 30 јануари. Документарецот ги следи настаните од нејзиниот живот во 20-те дена што ѝ претходат на втората инаугурација на претседателот Доналд Трамп.
Вечерва, на 24 јануари, во Белата куќа ќе се одржи затворена проекција на филмот, што ќе биде првпат претседателот, членовите на неговото семејство и нивните најблиски пријатели да го погледнат филмот во целост, изјави Марк Бекман, надворешен советник и агент на првата дама.
Филмот нуди редок поглед зад сцената во животот на Меланија Трамп, која за време на вториот мандат на својот сопруг се држи на понизок јавен профил. Трејлерот започнува на Денот на инаугурацијата во јануари 2025 година, прикажувајќи ја првата дама со впечатлива темносина шапка. Во документарецот е прикажана и нејзината улога како советник на претседателот, вклучително и момент во кој го охрабрува да го истакне изразот „миротворец и обединувач“ во својот инаугуративен говор.
Бекман е и продуцент на филмот, а договорот со студиото „МГМ“ во сопственост на „Амазон“ изнесува 40 милиони долари. Планирано е и продолжение во форма на документарна серија, која треба да излезе подоцна годинава и ќе се фокусира на приоритетите на Меланија Трамп, меѓу кои и грижата за децата во згрижувачки семејства.
„Ова воопшто не е политички филм“, нагласи Бекман, додавајќи дека Меланија Трамп лично ја водела креативната насока на проектот.
Документарецот ги истакнува нејзините модни избори, дипломатските активности, како и операциите поврзани со нејзината заштита од Тајната служба. Според Бекман, публиката ќе има можност да види и сцени кои ја прикажуваат смислата за хумор на претседателот Доналд Трамп.

