КРАЈ НА ПОДЕЛБИТЕ – СДСМ не е пазар за функции

Лидерот на СДСМ најави жестока опозициона борба, разобличување на власта и понуда на решенија за подобра иднина

КРАЈ НА ПОДЕЛБИТЕ – СДСМ не е пазар за функции
Фото: Национал

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешниот 31. Конгрес на партијата во Скопје остро ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за предавство на националните интереси, најавувајќи политичка борба во која, како што рече, ќе бидат разобличени лагите на власта и ќе се понудат конкретни решенија за граѓаните и државата.

Во говор исполнет со силна реторика, Филипче порача дека СДСМ останува отворен за сите вистински социјалдемократи, но дека во партијата нема место за „тројански коњи“ кои работат за интересите на власта.

Тој ја обвини актуелната власт за лоша економска политика, корупција, меѓународна изолација и напуштање на европскиот пат, оценувајќи дека државата е вовлечена во опасни сојузи со авторитарни режими и изложена на влијанија кои ги штитат интересите на Москва на Балканот.

Филипче оцени дека речиси двегодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ донело „брутално отрезнување“ за граѓаните, со, како што рече, грабеж од епски размери, минус од две милијарди евра во Буџетот и нови задолжувања кои ќе ги плаќаат идните генерации.

Посебно остар беше кон посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, која ја оцени како „скап туристички аранжман без резултати“, додека државата, според него, се соочува со економска и дипломатска криза.

Лидерот на СДСМ предупреди и на, како што рече, тајни планови за прифаќање мигранти од Западна Европа, со што Македонија би станала „тампон-зона за туѓи проблеми“, што го оцени како врвен чин на предавство.

Во делот за визијата на СДСМ, Филипче најави економија на достоинство, достоинствени плати, социјална држава, европски стандарди во образованието и здравството, дигитални можности за младите и гарантиран раст на пензиите.

На крајот, тој порача дека СДСМ мора да биде единствен и силен одвнатре за да може да ја победи власта, нагласувајќи дека партијата нема да дозволи да биде разбиена и дека од утре започнува теренска кампања низ целата држава.

CATEGORIES
Share This