СЕЈФ СИТИ СТАРТУВА ОФИЦИЈАЛНО – Собранието ги усвои измените на Законот за прекршоци
Собранието обезбеди двотретинско мнозинство за старт на системот „Сејф сити“

Со 81 глас „ЗА“, Собранието на Северна Македонија денеска ги усвои измените на Законот за прекршоци, што овозможува официјално започнување на функционирањето на системот „Сејф сити“. Измените беа разгледани и изгласани по скратена постапка.
Пратениците од ДУИ и СДСМ беа против, додека останатите партии во собраниската сала ја поддржаа законската иницијатива. За усвојување беше потребно двотретинско мнозинство, а во меѓувреме беше побарано и поединечно гласање.
Се очекуваат информации за резултатите од поединечното гласање.
Со стапувањето во сила на измените, системот „Сејф сити“ ќе започне да работи во Скопје, Куманово и Тетово, како и на одредени делници од Коридорите 8 и 10, каде камерите досега работеа пробно и испраќаа само опомени.
Од МВР најавуваат дека од 1 февруари 2026 година ќе започне санкционирање на сообраќајните прекршоци, а до крајот на годината системот ќе биде проширен на целата држава.

