НАЦИОНАЛЕН УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА – Филмот „17“ на Берлиналето

Филмот е избран за програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, посветена на дебитантски остварувања

НАЦИОНАЛЕН УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА – Филмот „17“ на Берлиналето
Фото: Принтскрин

Македонскиот филм „17“ на режисерката Косара Митиќ е избран за натпреварување во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, кој ќе се одржи од 12 до 22 февруари. Програмата „Перспективи“ е посветена на дебитантски филмови, а ова е голем национален успех за македонската кинематографија.

Филмот, снимен по сценарио на Митиќ и хрватскиот режисер Огњен Свиличиќ, ги прикажува траумите на две тинејџерки и ги отвора прашањата за институционалната одговорност и колективното насилство. Косара Митиќ објасни дека инспирацијата дошла од вистински настан и дека филмот ја истражува тишината околу лични и општествени проблеми.

Продукцијата е на „Црна мачка продукција“ во копродукција со Србија и Словенија, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија и други регионални институции. Актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска го опишаа снимањето како емотивен процес кој ја доловил длабочината на нивните ликови.

CATEGORIES
Share This