СИНДИКАЛНО ОБВИНУВАЊЕ – Опструкција и селективност кон професионалните војници
На синдикатот на професионални војници не му беше дозволено да се претстави пред новопримените војници

Независниот синдикат на професионални војници од Скопје преку соопштение до јавноста реагира на обидот за опструкција при претставување пред новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, каде што се одвива нивната обука.
Според синдикатот, не им било дозволено да одржат најавениот синдикален состанок.
„За првпат во последните пет години и неколку ротации на нови професионални војници бевме спречени да се претставиме како синдикат во Армијата , како синдикат на професионални војници. Иако уредно поднесовме барање до претпоставената команда на обучниот центар и беше навремено известена за претставување на синдикатот , сепак со несериозна,незаконска усна одлука која е спротивна на Колективниот договор на МО, токму Командантот на касарната бригадниот – генерал Лулзим Нуредини не дозволи на синдикатот да се претстави на професионалните војници“ – соопштија од Синдикатот.
Синдикатот ја оценува оваа постапка како нова форма на опструкција од страна на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, особено по јавно изнесените критики за лошата состојба во Армијата, дискриминација врз професионалните војници, мобинг и ниски плати и неисполнување на обврските на Министерството кон војниците.
„Единствениот синдикат кој јавно и аргументирано критикува му е забрането претставување на новопримените професионални војници со цел да не се слушне вистината и реалната ситуација во Армијата. Како синдикат и во минатото не опструираа на разни начини , но продолживме уште појако и погласно да ја кажуваме вистината за Армијата. Новите професионални војници ќе не слушнат што имаме да кажеме или лично пред нив или на ТВ екраните, изборот е на Министерството за одбрана“ – велат од Синдикатот.
Синдикатот оценува дека станува збор за прекршување на Колективниот договор на Министерството за одбрана, синдикална опструкција и селективно однесување од страна на министерот Владо Мисајловски, кој досега тврдеше дека има добра соработка со синдикатите.
„Борбата за подобри права, повисоки плати и подобри услови за работа на припадниците на Армијата продолжува и понатаму, уште посилно и поодлучно. Армијата е столбот на државата, а професионалните војници чувари на мирот“, се вели во соопштението.


