ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС – Одложено рочиштето поради промена на бранител

Новата функција на адвокатката наложи ангажирање нов бранител и одложување на главната расправа

ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС – Одложено рочиштето поради промена на бранител
Фото: Архива

Главната расправа за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, закажана за денеска, е одложена, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. Причина за одложувањето е изборот на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска за членка на Судскиот совет.

Јошевска-Анастасовска беше бранителка на обвинетиот Аднан Џаферовски, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Со оглед на нејзината нова функција, Џаферовски треба да ангажира нов адвокат, на кого ќе му биде потребно време за целосно запознавање со обемниот предмет.

Судскиот процес за трагедијата во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, се наоѓа во фаза на доказна постапка. Сите 35 обвинети досега се изјаснија за невини. Од друга страна, обвинителството тврди дека дискотеката функционирала како „смртоносна стапица“, поради долгогодишни институционални пропусти и незаконско работење.

Следното судско рочиште е закажано за 26 јануари.

CATEGORIES
Share This